Траект со 279 патници се преврте кај Северен Кипар, шест луѓе загинаа, спасувачката акција е во тек

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На социјалните мрежи се појавија вознемирувачки снимки, кои го прикажуваат моментот кога патнички траект со 279 лица се превртел во морето кај брегот на Северен Кипар.

На видеото се гледаат патници како се обидуваат да се искачат врз превртениот брод и скокаат во морето, откако траектот почнал да тоне само неколку милји по испловувањето од пристаништето во Киренија.

Како што изјави премиерот на Северен Кипар, Унал Устел, загинале најмалку шест луѓе, додека според градоначалникот на крајбрежниот град Киренија, 172 патници се спасени.

Во тек е координирана спасувачка операција, во која учествуваат крајбрежната стража и цивилни пловила кои се наоѓаат во близина. Тие активно ги извлекуваат патниците од морето и ги префрлаат на безбедно.