Трагедија во светот на спортот: Почина НБА кошаркар на 29 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трагична вест го потресе светот на кошарката и најпопуларната професионална кошаркарска лига НБА. Крилниот играч на Мемфис Гризлис, Брендон Кларк почина на 29-годишна возраст, соопшти неговата агенција „Приорити спортс“, притоа не соопштувајќи ја причината за смртта.

Веста за неговата смрт го потресе кошаркарскиот свет. Кларк се опоравуваше од тешката повреда и проблемите кои ги имаше надвор од теренот.

Кларк беше избран како 21-ви пик на драфтот во 2019 година, и целата професионална кариера ја мина во Мемфис, каде што стана важен дел од тимот. Заедно со Џа Морант важеше за еден од најконстантните играчи во последните сезони.

Оваа сезона одигра само два натпревари, а потоа го повреди коленото и беше во аут до декември, па следуваше повреда на листот, и не се врати на паркетот до крајот на сезоната.

Кларк имаше проблеми со законот. Во април оваа година беше уапсен и обвинет за повеќе прекршоци, односно поседување на недозволени супстанци и сообраќајни прекршоци. Беше пуштен со кауција.

Надвор од теренот остави и белег со хуманитарна работа. Во 2025 година ја формираше „Брендон Кларк Фондацијата“ која помагаше на деца во Мемфис.