Во Кривичниот суд започна изведувањето на материјални докази за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска рече дека еден проектил бил пронајден во телото на Вања Ѓорчевска при направената обдукција, јавува репортерот на ТВ21 од Кривичниот суд.
Тука забелешка даде и првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо кој потенцираше дека за време на обдукцијата пронајдена е и леплива трака. Судијата на ова одговори дека тоа е посебен доказ кој подоцна ќе биде изведен во судница. Неколку пати судечкиот совет ги укори присутните во судница особено Палчо и неговите бранители да го почитуваат редот во судницата.
Подоцна обвинителката рече дека проектилот кој бил пронајден во телото на Вања бил од боева муниција со 9 милиметри, производство од 2002 година.
Обвинителката исто така го презентираше и доказот од пронајдената леплива трака, по направени брисеви од лепливата трага, пронајдени се докази од Вања и од уште едно лице кое одговараат на Велибор Манев.
Љупчо Палевски – Палчо и тука имаше забелешка додавајќи дека во доказите немало палиларни линии од него.
Смртта на Панче и Вања била насилна од огнострелна рана.
Во судница ќе бидат презентирани над 197 докази, а претходно беа сослушани 26 сведоци. Има над 10 илјади принт скринови од комуникација преку мобилни телефони.