Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, најави дека изградбата на автопатот Кичево–Охрид ќе заврши во предвидениот рок, до мај следната година. Тој информираше и дека во втората половина на август треба да започне изградбата на автопатот Скопје–Блаце, додека во септември се очекува старт на работите на делницата Кичево–Букојчани.
Во гостување во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, Трајановски истакна дека од доаѓањето на новата Влада во 2024 година е постигнат значителен напредок на автопатот Кичево–Охрид.
„Од вкупно 57 километри, досега во употреба се пуштени околу 37 до 38 километри. Интензивно се работи на преостанатиот дел и очекуваме до крајот на октомври да биде пуштена делницата од Извор, преку тунелот до Врбјани. Рокот за целосно завршување во мај следната година останува непроменет“, рече Трајановски.
Тој посочи дека проектот се реализира според утврдена динамика, обезбедена со третиот кредит за изградба, а завршните активности опфаќаат и нови технички решенија за галериите кои не биле предвидени во првичниот проект.
Според него, вкупната вредност на автопатот Кичево–Охрид, финансиран со три заеми, ќе достигне околу 800 милиони евра.
Трајановски информираше дека со добра динамика се одвива и изградбата на автопатските делници што ги реализира компанијата „Бехтел и Енка“, меѓу кои Прилеп–Битола, Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани.
За делницата Кичево–Букојчани, како што рече, во тек е избор на изведувач, а почетокот на градежните работи се очекува во септември.
Во однос на автопатот Скопје–Блаце, директорот на ЈПДП соопшти дека е избран изведувач – конзорциум предводен од „Гранит“, со кој договорот треба да биде потпишан во текот на овој месец.
„Изведувачот веќе се мобилизира на терен и очекуваме во втората половина на август да започне изградбата. Во тек е и изборот на надзор од страна на Европската банка за обнова и развој и ЈПДП, по што ќе започнат теренските испитувања и расчистувањето на трасата“, изјави Трајановски.
Тој појасни дека проценетата цена од околу 20 милиони евра по километар се должи на сложеноста на теренот во пределот на Скопска Црна Гора, каде што ќе се градат пет тунели, девет мостови, потпорни ѕидови и друга комплексна инфраструктура.
Трајановски најави и активности за експресниот пат од Романовце до Страцин. Во моментов се подготвува тендерската документација, а следната година се очекува да биде објавен тендер за изработка на физибилити студија, по што ќе следува обезбедување средства за реализација на проектот.
