Трамп: Можни повисоки царини на ЕУ и Канада доколку соработуваат на штета на САД

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека може да се воведат повисоки царини за Европската унија и Канада доколку соработуваат „за да предизвикаат економска штета на САД“.

-Доколку Европската унија работи со Канада за да предизвика економска штета на САД, ќе бидат наметнати тарифи од големи размери, многу поголеми од моментално планираните, за да се заштити најдобриот пријател што секоја од тие две земји некогаш го имала, рече тој во објавата на неговата социјална мрежа Truth.

Во средата, Трамп објави царини од 25 отсто за увезените возила, што ја прошири глобалната трговска војна и предизвика критики и закани за реципрочни мерки од погодените сојузници на САД, пренесува Ројтерс.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го опиша потегот како „лош за бизнисите, полошо за потрошувачите“, додека канадскиот премиер Марк Карни ги нарече тарифите „директен напад“ на канадските работници и рече дека се разгледуваат одмазднички мерки.

Новите царини ќе стапат на сила на 3 април, еден ден откако Трамп планира да објави реципрочни тарифи за земјите одговорни за најголемиот дел од американскиот трговски дефицит, соопшти агенцијата.

Тие доаѓаат по царините кои веќе се воведени за челик и алуминиум, како и за стоки од Мексико, Канада и Кина.

ЕУ соопшти дека ќе го одложи својот прв сет на контрамерки до средината на април, вклучително и 50 отсто царина за американскиот бурбон.

Како одговор, Трамп се закани дека ќе воведе царина од 200 отсто за сите вина и други алкохолни производи од ЕУ, доколку Унијата продолжи со тоа.