Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, сака претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да биде следниот генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации, објави „Њујорк пост“, повикувајќи се на извори блиски до американската администрација.
Според овие извори, Трамп смета дека Инфантино „е почитуван од сите во светот“ и дека има посебна способност „да ги обединува луѓето“. Мандатот на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, завршува на крајот на декември, а процесот за избор на негов наследник се очекува да се одржи во текот на оваа година.
Сепак, за да ја добие оваа функција, Инфантино би требало да обезбеди поддршка од Советот за безбедност на ОН, составен од 15 членки, а потоа и одобрување од Генералното собрание.
Засега не е познато дали претседателот на ФИФА е заинтересиран за таква улога и дали Трамп директно разговарал со него за оваа можност. Кандидатурата на Инфантино е дел од листата на имиња кои изворите на „Њујорк пост“ ги оценуваат како малку веројатни кандидати.
Меѓу другите споменати имиња се поранешната претседателка на Чиле, Мишел Бачелет, како и директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси.
Евентуалното преминување на Инфантино на чело на ОН би можело да ги промени и односите меѓу администрацијата на Трамп и меѓународната организација, имајќи предвид дека американскиот претседател во повеќе наврати упатуваше критики кон Обединетите нации за начинот на кој се справувале со глобалните конфликти.
