Трамп: Со војната против Иран, ја спасив Британија од нуклеарен напад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател, Доналд Трамп изјави дека со започнувањето на војната во Иран ја спасил Британија од нуклеарен напад, а повторно го критикуваше Лондон поради одбивањето да се вклучи во конфликтот, објави ДПА.

„Го спасувам и вашиот народ од заканата… Затоа што ако Иран имаше нуклеарно оружје, многу е поверојатно дека би го употребил во Европа, до каде што можат да стигнат иранските ракети“, изјави Трамп во телевизиско интервју за британската „GB News“.

Тој повторно ја критикуваше подготвеноста на Велика Британија да се вклучи во конфликтот со Иран и навести дека САД би можеле да ја повлечат поддршката за Британија во прашањето за Фокландските Острови. „Не заборавајте дека голем процент од вашата нафта минува низ Ормускиот Теснец, а вие не бевте таму за да ми помогнете“, нагласи Трамп.

Изјавата на Трамп доаѓа во време на континуирани воени тензии меѓу Вашингтон и Техеран на Блискиот Исток, поврзани со Ормускиот Теснец. Овој важен поморски коридор за транспорт на енергенси беше отворен за бродски сообраќај до почетокот на американската и израелската офанзива против Иран, за која Вашингтон и Тел Авив тврдат дека имала цел да го спречи Иран во развојот на нуклеарно оружје.

Прекините на поморскиот сообраќај во Персискиот Залив ги потресоа економиите ширум светот, вклучително и британската, и доведоа до значително зголемување на цените на горивата.

Зборувајќи за миграцијата, Трамп предупреди дека „ако не ги спречите луѓето од целиот свет да влегуваат во вашата земја, нема да ви остане земја“. Тој рече дека делови од Лондон се „зони во кои не треба да се влегува“ поради миграцијата и дека полицијата „се плаши“ да патролира во тие подрачја.

Трамп повторно го критикуваше и градоначалникот на Лондон, Садик Кан, со кого има затегнати односи.

„Ако поминете низ Лондон, Лондон е сосема поинакво место. Имате ужасен градоначалник. Тој е одвратен човек, непријатен човек. Тој е многу лош градоначалник. Имате многу високо ниво на криминал, а Лондон е сосема поинакво место – ако земете некого од пред 15 или 20 години и го однесете во Лондон, тој нема да разбере што се случило. Тоа е толку различно место“, изјави Трамп.

Во интервјуто, американскиот претседател исто така рече дека, доколку бил крал на Велика Британија, немало да го врати принцот Хари и Меган Маркл. „Тој е многу подобар човек од мене“, рече Трамп за кралот Чарлс Трети.

Неговите коментари уследија нешто повеќе од една недела откако војводата и војвотката од Сасекс се вратија во Велика Британија за да започнат нов живот, по шест години поминати во САД.