Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша нова мерка со која се воведуваат царини до 100 отсто за увоз на одредени видови дронови, образложувајќи ја одлуката со загриженоста за националната безбедност и зависноста на САД од странски производители.
Царината од 100 отсто ќе се применува за дронови со димензии или способности кои се сметаат за особено чувствителни од аспект на националната безбедност.
Во оваа категорија, меѓу другото, спаѓаат дронови со максимална тежина над 25 килограми и оние опремени со термални камери, како и одредени критични компоненти и станици поврзани со овие дронови.
За помалите дронови ќе се применува царина од 25 отсто.
Во меѓувреме, за производи од некои сојузнички земји, меѓу кои се членките на ЕУ, Јапонија, Јужна Кореја, Швајцарија и Тајван, царината ќе изнесува 15 отсто, додека за увозот од Велика Британија ќе биде 10 отсто, во зависност од условите за потекло на производите.
Според американската администрација, мерката има за цел да го зајакне домашното производство на дронови и да ја намали зависноста на САД од странски добавувачи, особено од Кина.
