Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ја искористи мигрантската криза во шпанската енклава Сеута за да упати остри критики кон своите политички противници, тврдејќи дека сцените од Шпанија се предупредување за тоа што би можело да ја очекува Америка доколку демократите повторно ја преземат власта.
„Ужасно е. Запомнете ја таа слика. Вакви ќе бидеме за три години ако победи погрешната партија. Ако демократите дојдат на власт, нема да имате многу добар живот“, изјави Трамп, осврнувајќи се на снимките од илјадници мигранти кои од Мароко влегуваат во Сеута.
Белата куќа ја искористи кризата за да ја истакне важноста на строгите антиимиграциски политики, кои беа еден од клучните столбови на администрацијата на Трамп. Според неговиот тим, случувањата во шпанската енклава се пример за последиците од неконтролирана миграција.
Прашањето за имиграцијата беше една од главните теми и за време на претседателската кампања во 2024 година, кога Трамп ја победи кандидатката на демократите Камала Харис. Тој тогаш постојано предупредуваше дека нерегуларната миграција на границата меѓу САД и Мексико претставува сериозна закана за националната безбедност.
На темата се огласи и американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, кој на платформата X објави снимки од мигрантите што пристигнуваат во Сеута, оценувајќи дека тие се доказ за последиците од, како што наведе, „радикалните левичарски и глобалистички политики“.
„Овие слики од Шпанија се горчлив потсетник за последиците од масовната миграција“, напиша Венс.
Според последните податоци, од повеќе од 60.000 мигранти кои влегле во Сеута, над 25.000 доброволно се вратиле во Мароко, додека шпанските власти продолжуваат да се справуваат со една од најголемите мигрантски кризи во последните години.
