Тројца до четворица пратеници може да преминат од Европскиот фронт во новото парламентарно мнозинство, вели за ТВ21 Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ. Според него, двајцата пратеници на турската заедница немаат потенцијал да останат во опозиција, а потребна им е како што вели топлата рака на Владата. Меџити вели дека преговара со пратеници Албанци од Европскиот фронт.
Многу е логично да започне трансфер од овој Фронт. Може и повеќе од тоа што го спомнав, 3-4 пратеници. Не очекувам реакција веднаш. Се очекува да се формира Влада и тогаш мислам дека ќе се започнат процесите. Не го кажувам ова со лоша намера. Турската заедница е мала заедница на која и треба владата, не и требаат големи политики за опозициски каузи, опозициски дух, немаат ниту потенцијал ниту можност. Ним им треба топлата рака на Владата и тоа го кажува и нивното членство, вели Изет Меџити од ВРЕДИ.
Новинар: Има ли пратеници Албанци со кои водите преговори?
Меџити: Има, има.
Новинар: Дури и пратеници Албанци?
Меџити: Да!
Но пратеникот на ЕФ, Сали Мурат негира такво нешто. За ТВ21 вели дека преговори за приклучување кон новото мнозинство немало и дека нема потреба да има.
-Ние сме дел од Европскиот Фронт и остануваме во Европскиот Фронт. Другото е се шпекулација. Разговори немало никогаш и нема потреба. Ние сме победници во нашиот Фронт и треба да се почитува вољата. ВРЕДИ треба да одговори на нивните националистички изјави дека нивните гласови се чисти. Што значи тоа дека нашите гласови не се чисти? Турците, Ромите, Бошњаците не сме граѓани на оваа држава? – вели Сали Мурат од Европски фронт.
И другиот пратеник на Европскиот фронт, Бејџан Иљаз, го демантира трансферот. Тој во изјава за ТВ21 рече дека вратата на ВРЕДИ е затворена и доколку има потреба да се разговара тоа да го направи мандатарот. Сепак, нивниот моментален став е да продолжат со Европскиот фронт.
Интересно е колку овие други партии се грижат за нас бидејќи имаа можност пред изборите да не придобијат како дел од коалицијата, но не го направија тоа. Досега немало никакви преговори, ние продолжуваме да бидеме дел од Европскиот фронт и ќе ја водиме демократската војна за да го заштитиме нашиот легитимитет. Вратата за ВРЕДИ ни е затворена, ако треба да се разговара тоа треба да се направи со мандатарот. Но, нашиот став како партија во моментов е да продолжиме со Европскиот фронт, Бејџан Иљаз од Европски фронт.
Инаку, Европскиот фронт вчера најави и други мерки за заштита на, како што велат, легитимноста на застапеноста на албанскиот народ. Сепак, според Изет Меџити од ВРЕДИ, Европскиот фронт го изгубил правото да се бори за легитимитет кај Албанците бидејќи преминал на мултинационален концепт.
