Јована Тренчевска, пратеничка и потпретседателка на СДСМ, на денешната прес конференција рече дека после две години од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, според неа, вистината денес е дека наместо поголем, животниот стандард на граѓаните е намален – народот живее потешко, поскапо и понеизвесно.
„Нема ништо од ветувањата на ВМРО за зголемен животен стандард, за повисоки плати, за достоинствен живот на социјално ранливите категории на граѓаните. Единствено нешто што се забрзано се зголемува овие две години се цените, трошоците за живот, сиромаштијата. Македонскиот работник живее потешко, социјално-ранливите граѓани се заборавени од државата, пензионерите изманипулирани. ВМРО ветуваше инфлација од 2,5%. Денес инфлацијата е 4,8% и е речиси двојно повисока од ветувањето“, истакна Тренчевска
Според неа, власта во платформата 1198 ветувала зголемен животен стандард, а се зголемиле само трошоците за живот. Тренчевска посочи дека денес на едно четиричлено семејство му се потребни скоро 70.000 денари месечно за да ги покрие основните трошоци. „Тоа значи дека за нормален живот се потребни речиси три минимални плати. Денес платите не го следат растот на цените. Работниците работат исто, а можат да купат помалку. Македонскиот работник зема најниска плата во Европа, со која едвај издржува до половина месец. Кошничката е се поскапа, а паричникот на граѓаните се попразен“, нагласи поптпретседателката на СДСМ.
Според неа, владејачката партија ветуваше намалување на сиромаштијата, а уште во првата година од мандатот донесе зголемување од 22%. „Ова е најсилниот доказ за неуспехот на економските политики на оваа Влада. Владата на ВМРО покажа дека нема ниту капацитет, ниту волја да го подобри животот на граѓаните“, оцени меѓу друготоТренчевска.
Реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека поранешната министерка за труд и социјална политика денес зборувала за животниот стандард, иако токму во времето кога СДСМ бил на власт граѓаните се соочувале со двоцифрена инфлација и сериозно намалување на куповната моќ.
„По седум години политики кои го доведоа народот на работ на егзистенција, денес на СДС им пречат мерките што носат повисоки приходи и подобар стандард за граѓаните. Владата, и покрај наследената празна државна каса од СДС и последиците од глобалната криза, спроведува политики кои даваат конкретни резултати. Просечната нето-плата од 2024 година до денес е зголемена за близу 8.000 денари, односно за 19,6%, додека инфлацијата е стабилизирана“, се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија велат дека се зголемени пензиите, како и платите на здравствените работници, просветните работници и вработените во одбраната и полицијата.
„Стапката на невработеност е намалена од 12,5% на 11,3%, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6% на 46,5%. Економските показатели го потврдуваат напредокот. Македонија бележи раст на БДП од 3% во 7 последователни квартали и се вбројува меѓу побрзорастечките економии во Европа. Овие резултати покажуваат дека економските политики на Владата носат конкретни придобивки за граѓаните и создаваат основа за натамошно подобрување на животниот стандард“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
