Од каде ќе најдете пари за исплатата на пензиите во декември, гласеше прашањето на пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска. Таа рече дека состојбата со буџетот на Фондот за пензиско осигурување е во колапс бидејќи недостасуваат над една милијарда евра за исплата на пензиите и дека со тоа судбината на пензионерите е доведена во неизвесност. Покрај ова во нема пари и за надоместоци за социјална заштита бидејќи нема доволно пари на ставките определени за овие права, рече Тренчевска.
„Состојбата со Фондот за пензиско е загрижувачка. Пари за исплата на декемвриската пензија нема ниту во буџетот на Министерството за социјална политика ниту во Фондот за пензиско. Како ќе бидат исплатени пензиите на први декември? Пензиите мора да се исплатат но од каде ќе најдете средства да префрлате во Фондот кога во Буџетот ги немате а се работи за некаде над 7 милијарди денари“, рече Тренчевска.

Заменик министерот за социјална политика Ѓоко Велковски ја обвини Тренчевска дека шири невистини и дека тоа ќе се докаже со исплатата на пензиите деновиве. И пензиите и покачувањето ќе бидат исплатени, порача Велковски.
„Немој да сеете страв дека пензискиот фонд бил пред колапс, немало да има пензија на први декември, сето тоа се лаги и сето тоа ќе биде демантирано еве за само неколку дена од денеска каде што ќе бидат исплатени тие пензии и цела 26-та, 27-ма и години и години од денеска натаму. Така да граѓаните нека бидат мирни, пензионерите нека си бидат грижливи за себе и дека пензиите на први декември и понатаму ќе си бидат исплаќани со оваа динамика и покачувањето што ќе биде и во март“, изјави Велковски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски го праша премиерот Христијан Мицкоски за оспорената одлука пред Уставниот суд за линеарно покачување на пензиите. Мицкоски рече дека неофицијално одлуката е веќе донесена со помош на судијката на Уставен суд Добрила Кацарска.

„Последните информации се дека веќе одлуката е донесена дека е потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот кој што претходно важеше. И тоа само за информација подразбира дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која што е дел од Уставниот суд“, рече Мицкоски.
Во текот на седницата и пратеничката од Европскиот фронт Рина Ајдари постави три прашања и тоа до министерот за здравство Азир Алиу зошто не се реновираат одделенијата во Клиничката болница во Тетово и зошто не се изврши вработување на медицински кадар. Прашањето до министерот за култура Зоран Љутков беше зошто театарот во Тетово не е во приоритетите на министерството. Министерот за економија Бесар Дурмиши беше запрашан дали смета дека политиките што ги води немаат успех и дали ќе сносите одговорност бидејќи и во самиот извештај на Европската унија е наведено назадување на економијата. Сите тројца министри не беа присутни на седницата по што пратеничката Ајдари беше известена дека ќе добие писмен одговор.
