Проблемот со аерозагадувањето на воздухот во земјава е долготраен, а Скопје како главен град неколкупати се наоѓаше на листата на 10 најзагадени градови во светот.
Иако со години надлежните институции и здруженијата бараат решение на проблемот, сепак се соочуваме со денови во кои се чувствува загаденоста во воздухот.
Нееколошките начини на затоплување на домаќинствата, транспортот и индустријата се меѓу главните фактори кои влијаат врз загадувањето на воздух.
Според направените анализи на резултатите од аерозагадувањето во месец февруари во Скопје, со споредување на нивото на ПМ 10 честички како и бројот на денови на надминување, во споредба со истиот период од претходните години, може да се забележи дека позитивните трендови на опаѓање продолжуваат.

Па така на графиконите може да се забележи дека во сите мерни станици поставени во централното градско подрачје (Центар, Карпош, Лисиче, Гази Баба и Ректорат) има намалување на загадувањето во последниве години. Се работи за 2018, 2019, 2020 и 2021 година.
Како пример може да се посочи тоа што во 2017 година во општина Карпош, најзагадениот ден со максимална дневна концентрација изнесува 471 микрограми на метар кубен, додека пак оваа бројка во текот на оваа година е повеќе од четири пати намалена. Сега изнесува 100 микрограми на метар кубен.
Оваа година и Карпош, но и Гази Баба бележат најниско ниво на максимална средно дневна концентрација на ПМ10 честички од 2015-та, односно од моментот кога започнуваат мерењата за концентрација на ПМ10 честички во воздухот. Исти или слични резултати се измерени во сите државни мерни станици во Скопје.

Според анализите на податоците за февруари, вклучувајќи ги сите државни мерни станици сведоци сме на постепено и континуирано намалување на нивото на максималната вредност на ПМ10 во воздухот, но тоа не значи дека во некои денови, особено во ноќните часови не се забележани високи концентрации на ПМ 10.
Доколку нашироко се анализира оваа тема со се бројките, може да се забележи дека падот на нивото на ПМ10 честички на метар кубен е видлив во текот на последната 2020 година.
Оваа година може да се очекува дека ќе биде подеднакво охрабрувачка, имајќи го во предвид тоа дека првите два месеци од годината имаше дополнително намалување на ПМ10 бројките. Овие податоци се индикација дека се преземени вистински чекори во насока на надминување на овој проблем долгорочно.

