Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов вечерва во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 истакна дека потрошувачката кошница не ја пресметуваат за да им покажат на работниците со колку можат да преживеат, туку за власта и работодавачите дека не живееме ни со толку.
„И 1000 евра e премалку за да можете да си ги овозможите најнеопходните работи. Да не се прашуваат вашите деца дали во еден месец можете да им купите и едно чоколадо, и тоа го немаме ставено во кошницата“, вели Трендафилов.
На ова во дебатата се вклучи и Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи кој му порача дека сепак имаат ставено одење во ресторан, кино и одмор, на што Трендафилов врати дека одењето во ресторан подразбира дека можете на вашите деца да им купите по еден хамбургер во текот на еден месец.
„Треба сите да погледнат од што е составена потрошувачка кошница“, вели Трендафилов.
Според него, кога се прави потрошувачката кошница излегува дека двајца треба да јадат, а двајца да ги гледаат па другиот ден другите двајца да јадат, а другите да гледаат.