Трендафилов: За 500 евра минимална плата веќе не треба да се разговара, туку за 600-700 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, во гостувањето во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 порача дека дебатата за минимална плата од 500 евра е веќе надмината и дека треба да се отвори сериозна дискусија за износ од 600 до 700 евра.

„Се бориме за зголемување на минималната плата и гледам дека постои одредено расположение за тоа. Како ССМ ова го правиме од почетокот на годината и сме подготвени и на протести и штрајкови. Во изминатиов период сакавме аргументирано да обезбедиме релевантни податоци, бидејќи бевме обвинувани“, изјави Трендафилов.

Тој додаде дека анализите со кои располага ССМ се во корист на работниците, но, како што нагласи, истовремено се и фрапантни и укажуваат на потребата од итно подобрување на примањата.