По објавата на Народна банка за поскапувањето на становите во првиот квартал од 3, 2 %, некои од агенциите за недвижности и компаниите кои продаваат станови велат дека се покачени и за 7, 8% или од 150-200 евра по м2.
„Во првиот квартал од годинава станбениот квадрат поскапел за 3,2 проценти во однос на истиот квартал лани. Ова поскапување се надоврзува на ланското, кое во првиот квартал изнесуваше 1,7 проценти. Според градежниците растот на цената на становите е резултат на енормното поскапување на материјалите за градење, пред се железото, чија цена од почетокот на годинава е двојно зголемена“, велат од Народна Банка.
Се чини како коронакризата и да не ги погоди компаниите кои продаваат станови, со исклучок на првите 2, 3 месеци и покрај поскапувањето. Еве, на што се должи поскапувањето на становите:
„Од 150-200 евра за м2 се повисоки цените на становите. Тоа се должи на поскапувањето на градежните материјали и до 100%. Новите цени важат и за старите згради што не би требало да биде така. Но, сопствениците изгледа го следат трендот на пазарот.“, велат од Агенцијата за недвижности „Атлас“.
Се поставува прашањето зошто тогаш и старите станови, дури и оние од после земјотресот кои не користеле градежни материјали по нови цени ги покачија цените?
-Не само градежните материјали и работната рака поскапува. Второ, нема станови, да не се лажеме, нема станови. Сега да пробате да најдете стан во Центар, Карпош 1, 2 и 3 нема да најдете. Сето тоа влијае на пазарот за цената да се покачи. Некои ќе речат старите станови се премногу скапи. Но, за да продадеме стар стан и да купиме нов, треба да одредите цена-вели Слободан Боби Митровски.
Стар стан во зграда од после земјотресот во населбата Пролеќе, само реновиран можете да купите за 1 200 евра по м2, објаснуваат од Атлас. Во Скопје, најевтини се во Чаир и Скопје Север по цена до 850- 950 евра за м2, а најскапи на Водно каде достигнуваат и до 2 500 евра за м2.
ЧАИР 850-950 ЕВРА ПО М2
СКОПЈЕ СЕВЕР И ТОПАНСКО 850-950 ЕВРА ПО М2
ТАФТАЛИЏЕ 1 НОВОГРАДБА 1 200- 1 300 ЕВРА ПО М2
ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 900-1000 ЕВРА ПО М2
ХРОМ 1000- 1050 ЕВРА ПО М2
ВЛАЕ 1050-1100 ЕВРА ПО М2
КАПИШТЕЦ 1 200- 1 300
ЦЕНТАР 1300 – 1500
АЕРОДРОМ 1100 – 1250
ЛИСИЧЕ 1000- 1150
ВОДНО 1 500- 2 500 ЗАВИСИ ОД ПОЗИЦИЈАТА
Од компанијата Џеваир Скај Сити велат пак дека имаат станови за „сечиј џеб“ и покрај поскапувањето.
„Цените на становите зависат од цените на градежните материјали што во моментов имаат повисоки цени. Од почетокот на продажбата на становите направивме понуда која може да ги задоволи сите потреби на клиентите. Понудите се креирани според потребите на пазарот. Се нудат различни категори на станови со различна ценовна понуда во соработка со неколку банки во државата. Тоа ни овозможува да имаме флексибилен пристап за секој клиент.“, велат од Џеваир Скај Сити.
Едногласни се барем оние што ги контактиравме дека трендот на поскапување ќе продолжи и во иднина.
