По трет пат по ред, во Кичево ќе се одржи маратонот „Кичево трча“.
Овој настан и претходните години предизвика голем интерес кај граѓаните, а оваа година доаѓа и со новитети.
Претседателот на Атлетскиот клуб „Ускана“, Фатон Мехмеди, најавува учество и на реномирани атлети.
– Оваа година се одржува по трет пат, ние како организатори од атлетскиот клуб „Ускана“ ги повикуваме сите тркачи да бидат дел од овој настан. Ќе имаат можност да трчаат заедно со елитни атлети како Мушаит Мислими – шампион на 5000 метри, маратонецот Дарио Ивановски – учесник на Олимпијадата во Париз, како и атлетката Греса Бакрачи од Косово – исто така олимписка учесничка, вели Фатон Мехмеди, претседател на АК „Ускана“.
На овој маратон можат да учествуваат и деца, а регистрацијата за нив е бесплатна.
– Трките за возрасните се на 10 км и 5 км, а исто така имаме и детски трки. Сите деца родени од 2012 до 2018 година можат да учествуваат. Родителите можат да аплицираат преку веб-страницата Krun.mk, апликацијата за децата е бесплатна и ги повикуваме да ги пријават децата и да бидат дел од настанот заедно со нив, вели Фатон Мехмеди, претседател на АК „Ускана“.
Регистрациите за децата се отворени до 31 август, а за возрасните до 2 септември. Настанот ќе се одржи на 7 септември.
