Трета рунда преговори Украина – Русија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Локалните новински агенции јавија дека делегацијата на Украина пристигнала во Белорусија на третата рунда разговори – откако на две претходни седници не беше постигнат никаков напредок кон мирот.

Според медиумите, фокусот на разговорите повторно ќе бидат хуманитарните коридори – да им се овозможи на украинските цивили да избегаат од воените дејствија додека продолжува силно руско гранатирање на центрите на градовите на југот и на истокот на земјата.

Претходниот обид за воспоставување хуманитарни коридори во саботата пропадна откако прекинот на огнот не успеа.

Во текот на ноќта во неделата, новиот предлог од Русија беше означен како „неприфатлив“ од страна на заменик-премиерката на Украина, Ирина Верешчук, откако стана јасно дека на луѓето што бегаат од Киев ќе им биде понуден безбеден премин до рускиот сојузник Белорусија, додека оние во Харков ќе имаат коридор што води само до самата Русија.

Од четирите споменати градови, само помалите – Мариупол и Суми – имаат рути за евакуација кои водат до други делови на Украина.

Портпаролот на украинскиот претседател Зеленски го нарече тоа „целосно неморална приказна“.

Повеќе од 1,7 милиони Украинци досега ја напуштија земјата разурната од војна, додека инвазијата продолжува во својот 12-ти ден.