Пред околу 8 години техничката влада или тогаш попозната како Пржинска влада беше воведена по големата политичка криза по откривањето на аферата со масовното нелегално прислушување. Во преговорите кои што се водеа меѓу четирите најголеми политиички партии беше постигнат Пржинскиот договор во кој меѓу другото одлучено во иднина 100 дена пред изборите да се воведе преодна влада.
„Ова е извонреден ден за вашата земја. Постигнавме договор потпишан од лидерите на четирите најголеми партии и задоволен сум од постигнатото со што ќе имаме и предвремени избори. Натаму ќе се фокусираме на препораките на Прибе и другите препораки од Европската комисија“, вели Јоханес Хан.
Договорот предвидуваше техничкиот премиер да биде од редовите на владејачката партија, но тој да не биде личноста што ја предводи политичката влада. Така во 2016 дојде до оставка на Никола Груевски од челното место во извршната власт.
„До претседателот на Собранието на Република Македонија ќе го испратам моето писмо со оставка на функцијата претседател на Владата која ќе биде ефективна на 100 дена пред официјалниот датум на избори“, порача Никола Груевски.
На негово место беше поставен првиот технички премиер Емил Димитриев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. При самото гласање за владата на Димитриев, пратениците од СДСМ тогаш ја напуштија собраниската сала.
„Ја охрабрувам ДИК во својата работа да дејствува непристрасно ослободена од било каков притисок, принципиелно, државнички согласно Уставот и законите и да биде движечка сила која ќе покаже лидерство во организацијата на изборниот процес“, вели Емил Димитриев.
Втората техничка влада се случи пред изборите летото 2020 година. И Зоран Заев тогаш си поднесе оставка од премиерската функција но за разлика од неговиот претходник, тој по изборите се врати на функцијата премиер. Во оваа техничка влада како премиер беше назначен Оливер Спасовски.
„Имаме историска одговорност да продолжиме со организација на избори какви што доликуваат на европска Македонија, која се стреми кон полноправно членство кон Европската унија. Особено апелирам до опозицијата одговорноста за спроведување на беспрекорни избори сега е подеднакво и ваша“, порача Оливер Спасовски.
А она што е карактеристично и за двајцата технички премиери е дека тие значително ги надминаа мандатите од предвидените 100 дена. Мандатот на првиот технички премиер Емил Димитриев беше продолжуван поради тешката политичка криза и превирања меѓу партиите поради што беше и одложен терминот на одржувањето на изборите за крајот на 2016. Втората техничка влада на Оливер Спасовски исто така го надмина предвидениот рок од 100 дена поради пандемијата со коронавирусот поради што исто така беа одложени изборите.
Техничката влада има мандат да ги спроведе изборите, а во тој период не се дозволени објавувања на тендери, давање субвенции, вработувања и се она што би можело да има влијание во корист на изборна кампања. Затоа е предвидено во техничката Влада, опозицијата да номинира свои кадри за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри во земјоделство, финансии како и за министерството за информатичко општество и администрација. Владејачката партија поставува дополнителни заменици министри во внатрешни работи и во труд и социјална политика како што опозицијата има министри. Во овие пет ресори каде во министерствата се поставени кадри од власта и опозицијата технички министри и дополнителните заменици министри имаат обврска на заедничко одлучување и врзани потписи а споровите меѓу нив ги решава Државната изборна комисија која за време на двете претходни технички влади и во 2016 и во 2020 имаше многу работа.
Инаку во последните години имаше повеќе укажувања дека ваквиот модел на техничка или преодна влада до изборите не само што е нефункционален, туку и е во колизија со Уставот. Наспроти предвидените 100 дена техничка влада до изборите, во Уставот е наведено дека изборите се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на пратеничкиот состав или пак кога се работи за предвремени избори 60 дена од распуштањето на Собранието.
