Трговците подготвија листа? 150 производи со пониски цени, предлагаат маржи од 3 до 15%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Листа на која има 150 основни производи кои ќе можат да ги понудат со поефтини цени. Овој предлог го испратила новоформираната Стопанска комора за трговија на мало и големо до ресорното Министерство за економија.

Во листата се шеќерот, маслото, брашното, млекото, пилешкото месо, за кои се предлага маржа од 3 проценти.

За лебот, тестенините, оризот, урдата, видови сирење, кашкавал, јајца, за видови зеленчук, овошје, но и за дел од средствата за хигиена се предлага маржа од 10 до 15 проценти. Предлогот е мерката да важи од 22 март до 22 април, со што би биле опфатени и празниците Рамазан и Велигден.
Одговор очекуваат деновиве. А што и кога ќе одлучи владата за сега не се знае. Министерот за економија Дурмиши со кој во петокот имаа средба не е во земјава, а тука не е ниту премиерот Мицкоски.

Инаку, борбата на власта за заштита на граѓаните од енормно високите цени на храната во маркетите- минатата недела се сведе на најави и одложувања. Иако беа децидни дека на вонредна седница минатата недела ќе носат одлука за замрзнување на маржите на 10 проценти – сепак се премислија. Одлуката требаше да трае до крајот на април.



„Одлука за десет процентно ограничување на маржа во трговија на мало и 10 % во трговија на големо на основните прехранбени производи. На истите 73 групи производи кои беа во претходните кошници. Но истата да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите и плус да се дополни со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните. Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи“, рече Марија Митева, портпарол на Владата.

„Предлогот го имам веќе во работна верзија. Во текот на денот ќе се усогласува и очекувам на итна седница во текот на утрешниот ден истиот да биде донесен и да биде спроведен од страна на супермаркетите и хипермаркетите. Маржата малопродажна и големопродажна се ограничува едната на 10 и другата на 10 проценти и очекувам тука да има се разбира драматично намалување на цените на оние производи кои што вистински ги користат граѓаните“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од новоформираната комора пет до дванаесет, пред да се донесе, се заканија со затворање и откази. Вонредната седница се откажа, па сега Владата треба да одлучи дали ќе ја прифати нивната листа со предлози, или ќе ги ограничува маржите.

Секојдневно реагираат и од опозициската СДСМ.

„Политиките на кошнички доживеаја тотален дебакл а власта нема одговор на растечката скапотија и сирoмаштија.Иако Владата уште во вторникот најави замрзнувањето на маржите, оваа недела измина а одлуката не е донесена“, рече Каја Шукова.

Очигледно, интересот на бизнис елитата за владата е поважен од тоа да ги заштити граѓаните.Како одговорна опозиција, СДСМ предложи сеопфатна економска стратегија – сет на 7 мерки преточени во закони кои ќе имаат силен и брз ефект врз стандардот на граѓаните.

И додека власта и трговците преговараат, македонските граѓани се борат со високите цени.

Последните податоци на статистика покажаа дека трошоците за живот во јануари се 4,9% повисоки од ланскиот јануари. Земјава има највисока инфлација во регионот. Податоците покажуваат дека освен Србија каде инфлацијата е 4,3 проценти сите останати земји имаат и двојно пониска инфлација од нас.

ИНФЛАЦИЈА ВО ЈАНУАРИ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД РЕГИОНОТ

МАКЕДОНИЈА 4,9%
АЛБАНИЈА 1,9%
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА 2,2%
КОСОВО 1,1%
ЦРНА ГОРА 2,1%
СРБИЈА 4,3