На 6-ти април Васко Ковачевски се појави на прес конференција и соопшти дека поднесува оставка, а следниот ден се појавил во Обвинителство откако претходно добил покана за предметот во предистрага кој се води против него, дознава ТВ21.
За кривичната пријава пред три години обелодени тогашниот министер за внатрешни работи.
„Било вршено притисок, односно изнуда со цел дел од договорот да биде отстапен на друга фирма подизведувач која што ниту има капацитет ниту има механизација и која што е блиска до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Притисокот продолжил, при што од страна на директорот на РЕК Битола бил побаран поткуп во износ од 250 илјади евра“, посочи Наќе Чулев.
Ова се совпадна со почетокот на изборната кампања за тогашните парламентарни избори, па Ковачевски рече дека ги отфрла таквите наводи како неточни и најави дека ќе поднесе кривична пријава против него.
„Кога Наќе Чулев веќе сака да бара криминал му препорачувам да се позанимава со времето на владеењето на Христијан Мицкоски како директор на АД ЕЛЕМ сега ЕСМ и да ги истражи тендерите за набавка и увоз на електрична енергија по енормно високи цени. За ваквата денешна изјава нека очекува од моја страна поднесување на кривична пријава против него лично“, вели Васко Ковачевски.
Од обвинителството не откриваат повеќе детали.
„Предметот за кој покажувате интерес е формиран 2020 година во врска со тендерот за ископ на јаловина во РЕК Битола и по него постапува предметен јавен обвинител во предистражна постапка. Со оглед на тајноста на предистражната постапка во моментов не може да се споделат детали“, велат од ЈО.
Васко Ковачевски денеска не одговори на нашите прашања. Останува нејасно, во какво својство бил повикан во јавното обвинителство.
Васко Ковачевски беше именуван за директор на ЕСМ на 17 јули 2019, а претходно беше директор на РЕК Битола. Неговото место во ЕСМ го пополни Васко Стефанов кој доаѓа од позицијата директор на „Македонски пошти“.
