Тројца македонски државјани загинаа, а двајца се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила на приморскиот автопат во Словенија, на делницата меѓу Унец и Равбаркоманда, во правец кон Копер.
Според првичните информации од словенечката полиција, во несреќата учествувале товарно и патничко возило. Камионот поради дефект бил запрен во ниша покрај автопатот, кога автомобилот со пет македонски државјани удрил во задниот лев дел од приколката.
Лекарите на местото на несреќата констатирале смрт кај три лица. Еден од повредените бил пренесен со медицински хеликоптер во болница, додека другиот повреден, кој воедно бил и возач на автомобилот, бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош.
Несреќата била пријавена во 16:28 часот. На местото веднаш пристигнале полициски екипи и пожарникари, а увидот продолжува во присуство на државен обвинител и истражен судија. Причините и точниот тек на несреќата сè уште се истражуваат.
Поради несреќата, автопатот во правец кон Копер е затворен, а на местото се создадени долги колони. Полицијата ги извлекува возилата заглавени во метежот, додека товарниот сообраќај се пренасочува кај Логатец.
Возачите се предупредуваат да не ги напуштаат своите возила додека се наоѓаат во колоната, поради опасноста од дополнителни инциденти.
Накратко била затворена и спротивната насока кон Љубљана поради слетувањето на медицинскиот хеликоптер, но сообраќајот во оваа насока во меѓувреме е нормализиран.
