Три месеци затворена и без активности – во Тетово нема соодветни патеки за лицата со посебни потреби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е Дрита Салихи од Тетово. Откако беше ставен клуч на Дневниот центар за лица со посебни потреби, таа за време на пандемијата седи дома во простор од 20 метри квадратни. Како што раскажува, времето го минува цртајќи.

Д.С.: Веќе три месеци не одам“.
-Можеш ли да ни кажеш што правеше овие три месеци?
Д.С.: Цртав, боев, пеев. Слушам музика, играм со телефонот.

Дрита раскажува дека изминативе три месеци никој не се сетил да ѝ се јави и да ја прашам како е и дали има потреба од нешто.

Д.С.: Да, здодевно ми е.
-Дали некој дојде да те посети во овие три месеци?
Д.С.: Не, никој не дојде, само другарките што ми се јавија. Од Министерството никој не дојде, ниту ми се јавуваат, ниту ме посетуваат. Подобро е да одам во Центарот отколку да седам дома.

Од Министерството за труд и социјална политика, велат дека обезбедиле 500 пакети во соработка со УНИЦЕФ, но дека истите се дистрибуирани во Скопје, Битола, Демир Капија и Неготино, а за оваа категорија овозможиле онлајн поддршка.

„Воспитувачките, психолозите и социјалните работници во дневните центри обезбедија онлајн совети за користење дидактички материјали, психосицијална поддршка и развој на персонализираните едукативни програми со корисниците на дневните центри и нивните семејства за полесно спроведување на активностите од дома“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Но, Дрита вели дека воопшто не слушнала дека постојат онлајн совети. Таа едвај чека да се врати во Дневниот центар и повторно да се дружи со пријателите. Како што објаснува, ретко излегува на прошетка, бидејќи градската инфраструктура не е опремена со соодветни патеки и тротоари за лицата со посебни потреби.