Трошоците на живот во Македонија продолжија да растат и во април, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Според објавените информации, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април 2026 година, во однос на март, изнесува 1,3 проценти.
Најголемо месечно поскапување е регистрирано во групата Транспорт, каде цените се зголемени за 10,1 процент. Пораст има и кај рекреација, спорт и култура за 1,4 проценти, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 1,2 проценти, како и кај храна и безалкохолни пијалаци за 0,7 проценти.
Зголемување е забележано и кај облека и обувки, лична нега, разновидни стоки и услуги, како и информации и комуникации, каде растот изнесува 0,6 проценти. Кај рестораните и услугите за сместување цените се повисоки за 0,4 проценти, додека домувањето, водата, електричната енергија, гасот, здравствената заштита и образованието бележат раст од 0,3 проценти.
Од друга страна, намалување на трошоците е забележано само во групата покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домот, и тоа за 0,2 проценти. Кај осигурувањето и финансиските услуги нема промени во однос на претходниот месец.
На годишно ниво, односно во споредба со април 2025 година, индексот на трошоците на живот е зголемен за 5,7 проценти, додека индексот на цените на мало бележи раст од 5,0 проценти.
Податоците покажуваат дека и натаму најсилен притисок врз домашниот буџет имаат транспортните трошоци, но и секојдневните производи и услуги.
