Пред да помине една година, исчезнаа 100-те електрични тротинети кои можеа да ги изнајмуваат граѓаните на Тетово. Запрашан за ова, градоначалникот Билал Касами изјави дека тие се на сервисирање и наскоро повторно ќе бидат пуштени во сообраќај.
„Ќе се вратат многу брзо. Тоа се превозни средства кои се користат во атмосферски услови. Операторот што добил право да ги стави во употреба ги сервисираше и ги поправи сите, бидејќи, за жал, голем дел од нив беа оштетени. Верувам дека многу скоро повторно ќе бидат ставени во функција.“, порача Биљал Касами.
Но и по сервисирањето, потребна е зголемена претпазливост при користењето на овие превозни средства. Причината е што, според податоците на тетовската полиција, бројот на сообраќајни несреќи со електрични тротинети постојано расте.
„Статистичките податоци укажуваат на постојан ризик на терен. Во текот на 2025 година, на подрачјето на СВР Тетово биле регистрирани вкупно 37 сообраќајни несреќи во кои учествувале електрични тротинети, од кои 14 во Тетово и 23 во Гостивар. Дека овој негативен тренд продолжува покажува и фактот што од 1 јануари до 17 мај оваа година веќе се регистрирани 9 вакви сообраќајни несреќи, од кои 7 на подрачјето на Тетово и 2 во Гостивар. Овие бројки се јасен сигнал за потребата од поголема внимателност и строго почитување на правилата“, велат од СВР Тетово.
Се смета дека бројот на повредени лица при користење тротинети е уште поголем, но многу случаи не се пријавуваат во полиција бидејќи повредите настануваат без да се предизвика сообраќајна несреќа.
Инаку, според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, право да управуваат со електричен тротинет имаат лица кои наполниле 14 години. Тие се должни да се движат по велосипедска патека со брзина до 25 километри на час, а доколку нема таква патека, исклучиво по тротоар со брзина на пешачење, односно до 6 километри на час.
