Многу пациенти од другите градови се упатуваат во Скопје за да ги добијат потребните здравствени услуги. Поради тоа се преполни болниците во главниот град. Министерот за здравство, Беким Сали во интервју за РСЕ вели дека околу 90% од болничките кревети во Клиничкиот центар се полни. Според него ова е резултат на дефицитот од медицински кадар кои си заминуваат од земјава или се пензионираат.
Сали проблемот со закажување термини за специјалистички прегледи го гледа во недостигот од лекари, односно специјалисти. Вели дека гореспоменатите проблеми се предизвик за него но ветува дека ќе ги реши со правилни инвестиции, како реновирање и обезбедување кадар.
На прашањето дали ќе го исполни барањето на матичните лекари да им се плаќа по 90 денари наместо 63 по пациент, Сали не даде потврден одговор. Рече дека треба да се изнајде модел и друг начин на исплата.
Се финансираат секундарното и примарното здравство, додека нивната работа ја врши терцијарното здравство, средства се издвојуваат а услуги не се нудат како што треба, затоа се создава хаос и сите се незадоволни, вели првиот човек на Здравство.
