Целосно се уредува планинарската патека Нижо Поле – Големо Езеро – Брајчино

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Започнаа теренските активности за целосно уредување на планинарската патека Нижо Поле – Големо Езеро – Брајчино, во должина од 19 километри.

Од Националниот парк „Пелистер“ информираат дека активностите опфаќаат целосно расчистување на вегетацијата долж патеката, обновување на Кнафелцовата сигнализација, како и поставување нова зимска маркација на делницата Нижо Поле – Големо Езеро, преку Дебел Рид.

Дополнително, ќе бидат поставени патокази за Мало Езеро и врвот Пелистер од правецот на Големо Езеро.

Активностите се одвиваат во исклучително тешки услови поради алпскиот карактер на теренот, при што целата опрема и работниот алат се пренесуваат рачно.