Цените на нафтата повторно во пораст поради неизвесноста на состојбата Блискиот Исток

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неизвесноста околу развојот на состојбите на Блискиот Исток повторно се одрази врз светските енергетски пазари, при што цените на нафтата забележаа раст на почетокот на неделата.

Суровата нафта Брент утрово достигна цена од 93,01 долари за барел. Фјучерсите за испорака во август на лондонската берза ICE Futures се зголемија за 1,89 долари во однос на претходното затворање.

Во исто време, фјучерсите за американската сурова нафта WTI за испорака во јули пораснаа за 2,21 долари и се тргуваат по цена од 89,57 долари за барел во електронското тргување на њујоршката стоковна берза.

Пазарите внимателно ги следат дипломатските активности меѓу САД и Иран. Во текот на викендот двете страни разменија предлози за нацрт-договор кој би овозможил продолжување на прекинот на огнот и отворање на Ормутскиот Теснец, но засега нема јасни информации за напредокот на преговорите.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно побара Техеран да ја суспендира својата нуклеарна програма и целосно да го врати статусот на Ормутскиот Теснец како отворена меѓународна транспортна рута, пренесува „Трејдинг економикс“.

Иако цените на нафтата забележаа пад во текот на мај, тие и понатаму се повисоки во споредба со нивото пред почетокот на воениот конфликт, наведува Танјуг.