Цените под „лупа“ на пазарните инспектори – Владата бара од трговците храната да не поскапи повеќе од 3%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Годишната стапка на промена на цените на основните прехрамбени производи во јули да не биде поголема од 3 проценти – побарал премиерот Христијан Мицкоски на вчерашниот состанок со ланците на маркети. Во наредниот период ќе се сретне и со добавувачите и производителите од кои ќе го побара истото- инфлацијата кај храната да биде под три отсто на годишно ниво.

-Една од тие цели е да во јули месец годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи не биде поголема од 3 проценти, односно да биде под 3 проценти. Се сложивме сите. Се разбира за да ова се реализира, потребно е да направиме еден ваков ист состанок со производителите и дистрибутерите и добавувачите. Тоа ќе се случи во наредниот период и потоа сите заедно ќе седнеме на маса и сите заедно ќе бидеме општествено одговорни, вели премиерот Мицкоски.

Државниот пазарен инспекторат има задача да направи споредба на цените на основните прехранбени производи, а целта е да се види каде точно се креира зголемувањето на цените на храната.

-Истовремено Државниот пазарен инспекторат доби за задача да направи компаративна анализа помеѓу цените на еден ист производ, еден ист артикл на добавувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој ист производ кон потрошувачите граѓаните. За месец мај 2025 споредено со мај 2026 да видиме што е тоа кое што тука креира состојба да ние имаме зголемени цени на основните прехрамбени производи, вели премиерот Мицкоски.

На новинарско прашање дали се сомнева на злоупотреби од страна на трговците,премиерот вели:

-Јас сум човек кој што е следбеник на онаа американската „Верувај но проверувај“, вели премиерот Мицкоски.

Вчера пак откако Регулаторна ги спушти цените на горивата, премиерот испрати остра порака до трговците дека кризата завршува и дека граѓаните биле толерантни, поради што „сега е на ред трговците и дистрибутерите да им се оддолжат и да ги намалат цените, особена на основните прехранбени производи. Кажа дека нема да прифаќа оправдувања и изговори и најави дека и јавно ќе се објавуваат имињата на трговците кои нема да ги спуштат цените.