Црна Гора затвори три поглавја од преговорите со ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Црна Гора синоќа затвори три преговарачки поглавја, со што двојно се зголеми бројот на затворени поглавја во пристапните преговори кои беа отворени во 2012 година.

На меѓувладината конференција за пристапување, Црна Гора ги заврши преговорите во три поглавја – право за интелектуална сопственост, информатичко општество и медиуми и претприемништво и индустриска политика.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на прес-конференцијата изрази надеж дека Црна Гора ќе успее да ги затвори сите преостанати поглавја во следните две години.

Ова е голем потег за Црна Гора со оглед на тоа што досега затвори само три поглавја, а последното беше затворено уште во јуни 2017 година. Црна Гора аплицираше за членство во ЕУ уште во 2008 година, а пристапните преговори ги отвори во јуни 2012 година. Досега ги отвори сите преговарачки поглавја, а денес има вкупно шест затворени поглавја. 

Комесарката за проширување Марта Кос вети поддршка во напорите за затворање на преостанатите поглавја.

„Денешната меѓувладина конференција е доказ дека проширувањето е процес заснован на заслуги“, рече Кос.

Уште едно поглавје, за надворешна, безбедносна и одбранбена политика, беше технички подготвено да се затвори, но Хрватска одби да се согласи со тоа.

Хрватска вели дека не станува збор за блокада, но има одредени прашања кои не се од билатерален карактер.

„„Хрватска сигурно нема да ги стави билатералните прашања како услов за европскиот пат на Црна Гора, туку прашањето за исчезнатите лица за време на војна, прашањето за компензација на затворениците во логорот, тоа се теми кои мора да не засегаат сите нас во Европската унија, и само Хрватска“, рече хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.