Црна Гора наскоро ќе воведе визи за граѓаните на Русија и Белорусија, со цел да започне значајни реформи на полето на визната политика, вклучително и усогласување со правилата кои важат во Шенген зоната, пишува црногорски „Дан“ повикувајќи се на повеќе извори од Владата на Црна Гора.
Според тие информации, единственото нешто што ја дели Црна Гора од воведувањето визи за руските граѓани е барањето што Европската унија треба да го испрати до земјите кандидати за членство во ЕУ, а Русија е прва на ред, пред се поради војната во Украина. Досега беше практика да се воведуваат визи за една по една земја, но овој процес значително ќе се забрза.
Доколку Црна Гора воведе визи, тоа би можело да влијае на туризмот, со оглед дека секоја година има значаен прилив на туристи и жители од Русија. Но, за остварување на аспирациите кон ЕУ, тогаш Црна Гора мора да се прилагоди на политиката на Шенген.