Таму каде што бевме минатата година се наоѓаме и денес, без видлив и сериозен напредок и тоа не се однесува само за Македонија туку и за земјите од целиот регион. Ова е оценката на поранешниот претседател Бранко Црвенковски за евроинтеграцискиот процес во Европската унија кој воопшто не е оптимист, и за разлика од премиерот Ковачевски кој е убеден дека ќе станеме членка на ЕУ до 2030, тој вели дека целиот процес е во застој и нема изгледи за некаков напредок во следните години. Црвенковски смета дека е потребна нова стратегија и оттука предлага иницијатива за поблиска соработка со ЕУ, која како што вели не би била никаква алтернатива туку меѓучекор кон полноправно членство.
„Европската унија нема јасен и консензуално усогласен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западен Балкан. Што е тоа што во оваа фаза за нас земјите од Западен Балкан е најбитно, а во исто време не задира во и онака компликуваното одлучување во рамки на Европската унија? Тоа е пристап до заедничкиот пазар и пристап до европските фондови. Најдиректно кажано, иницијативата би се однесувала на овозможување на овие две цели“, вели Бранко Црвенковски.
Според него бенефитите од оваа иницијатива би биле големи, земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси а со самото тоа би биле поподготвени за членството во ЕУ. Црвенковски презентираше два начина како да се постигне оваа цел.
„Една варијанта е да се искористи веќе постојната Европска економска област. Втора можна варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во Европската економска област, а истовремено би се овозможил и пристап до европските фондови е доколку Европската унија потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан истовремено со кој би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови“, додаде Бранко Црвенковски.
Црвенковски упати апел до сите политички партии да не и ставаат партиски печат на ваквата иницијатива и да не се користи во дневно-политичките конфронтации .
