Директорот на Центар за управување со кризи, г-дин Мухамед Али, заедно со градоначалникот на Општина Сарај, г-дин Мухамед Елмази, првиот вицепремиер и министер за европски прашања, г-дин Беким Сали, министерот за животна средина и просторно планирање, г-дин Мухамед Хоџа, и г-дин Зекерија Бериша, се на терен во општина Сарај, поточно кај селата Буковиќ и Семениште, каде непосредно ја следат состојбата по обилните врнежи од дожд и ја координираат целокупната институционална реакција за справување со последиците од поплавите.
По пријавите за поплавени куќи, Центарот за управување со кризи веднаш ги активираше сите надлежни служби и обезбеди целосна координација на терен.
Екипи од Бригада за противпожарна заштита на Град Скопје и Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти и расчистување на критичните точки, додека ЈП Водовод и канализација – Скопје стабилизираат и прочистуваат канализациската мрежа за да се спречат дополнителни излевања. Паралелно, Дирекција за заштита и спасување ја проценува штетата и обезбедува логистичка и техничка поддршка во тесна координација со локалните структури.
Со координирано дејствување на сите институции, се преземаат интензивни мерки за најбрзо можно санирање на последиците, заштита на населението и минимизирање на материјалната штета. Надлежните служби остануваат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира.
