ЦУК: Четири активни пожари и четири под контрола

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во изминатите 24 часа на територијата на земјава се регистрирани вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, четири се ставени под контрола, а 25 се целосно изгаснати, информираше утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни пожари има во општините Студеничани и Зелениково, во близина на селата Моране, Вртекече и Габер, со крак кон селата Палиград и Вразжал во Општина Зелениково.

Пожар е активен и во Општина Македонски Брод, во близина на местото Видуш и селата Драгов Дол и Локвица.

Во Општина Кичево активен пожар има во близина на селото Тајмиште и местото Дарда, додека во Општина Гостивар пожарот е регистриран во близина на селото Горна Ѓоновица.

Под контрола се ставени пожарите кај селото Илинден, во близина на селото Бигла кај Делчево, кај селото Туденце во Општина Јегуновце, како и во Општина Врапчиште, во близина на селата Ломница и Ѓерѓевиште.

Надлежните служби продолжуваат со следење на состојбата и интервенирање таму каде што е потребно.