ЦУК: Речиси целата земја е под висок ризик од пожари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според метеоролошкиот индекс на опасност од пожари, речиси целата територија на Македонија се наоѓа под висок ризик од пожари (портокалова боја). Исклучок се Шар Планина и околината на Охрид и Ресен, каде е регистриран среден индекс на опасност од пожари (жолта боја), соопштија Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Поради ваквите атмосферски услови, постои висок ризик од појава и ширење на пожари на отворен простор, како и на шумски пожари со висок интензитет на целата територија на Северна Македонија.

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните за максимална внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа, како и да не користат оган на отворен простор. Доколку забележат пожар, ги повикуваат веднаш да се јават на бројот 112.

Во изминатите 24 часа во земјава се регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, еден е под контрола, а 22 се изгаснати, информираат од ЦУК.

Активни пожари има во Општина Студеничани, во близина на селата Моране, Вртекeчиште и Рамни Габер; во Општина Македонски Брод, во близина на локалитетот Видуш и селата Драгов Дол, Локвица и Девич; во општините Велес и Зелениково, во близина на селата С’лп, Горно Село, Карабуниште, Бузалково, Добрино и Тисовица; во општините Јегуновце и Сарај, во близина на селата Копаница, Туденце и Бојане; во Општина Прилеп, во близина на селото Царниште; и во Општина Долнени, во близина на селата Вранче и Бело Поле.

Под контрола е пожарот на депонијата во Делчево.