Од утринските часови продолжуваат интензивните активности за ставање под контрола на пожарите во селата во областа Каршијак, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, е на терен заедно со надлежните служби и екипи, каде што ја следи и координира состојбата.
Приоритет е заштитата на планината Китка и спречувањето на ширењето на пожарот кон населените места.
На терен се ангажирани сите расположливи државни ресурси, меѓу кои три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, како и екипи на Национални шуми.
Од ЦУК информираат дека во моментов нема опасност за селото Палиград, ниту за другите населени места во областа Каршијак.
Состојбата ќе продолжи непрекинато да се следи, а надлежните служби ќе интервенираат интензивно сè до целосно стабилизирање на ситуацијата.
