Турска помош во битката против пожарите – властите очекуваат задутре да имаат целосна контрола над состојбата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во земјава се активни неколку пожари, но најсериозна е состојбата со пожарите на планината Серта – на три локации, кон Штип, Неготино и Конче, како и пожарот на планината Огражден, во струмичко Ново Село, на границата со Бугарија. Од Центарот за управување со кризи информираат дека на помош пристигнале два турски воздухоплови, зашто пожарите можат да се гасат единствено од воздух поради тешко пристапниот карпест терен.

„Нашиот фокус денеска ќе биде ставен на овие два пожара. Рано утринава пристигна меѓународна помош од Република Турција, конкретно на аеродромот слета еден турски хеликоптер, како и два турски ер-трактора. Двата турски ер-трактора заедно со двата ер-трактора на Дирекцијата за заштита и спасување, веќе се полетани и ќе започнат со дејство на пожарот во струмичко Ново Село, додека еден полициски хеликоптер рано утрово зпаочна со гасење на пожарот на планината Серта.“, вели Стојанче Ангелов.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е побарана помош во воздухоплови и од Србија, Црна Гора и Словенија. Тој очекува задутре состојбата со пожарите да биде целосно под контрола.

„Цениме дека веќе во утрешниот и денот после утрешниот, сето ова да биде ставено под контрола. Да бидат спокојни граѓаните, ја контролираме целосно од вчера ситуацијата, а денеска имаме засилување во воздухоплови.“, вели Христијан Мицкоски.

Од ЦУК додаваат дека онаму кадешто има пристап до пожарите, во гаснењето, покрај пожарникарите, се вклучени и припадници на армијата и полицијата, вработени во локалните јавни претпријатија, како и доброволци. Во меѓувреме, од ЈП „Национални шуми“ издадоа забрана за движење во шумите, се додека не се намали ризикот од пожарите.  Оттаму додаваат дека казните се движат од 1500 до две илјади евра.