Државната изборна комисија (ДИК) вечерва, на продолжението од 147. седница, разгледа пет приговори поднесени од граѓани за заштита на лично избирачко право. Од нив, четири беа одбиени како неосновани, а еден беше прифатен.
Отфрлени се приговорите на Аријета Селими, Бесар Селими, Ќеримка Селимовска и Егзон Исмаили, сите од општина Сарај, бидејќи при проверката било утврдено дека тие веќе се запишани во избирачкиот список.
ДИК го прифати приговорот на Хазред Бизари од Струга, кој поднел барање за заштита на лично избирачко право, а по извршената проверка било утврдено дека не е запишан во избирачкиот список иако ги исполнува условите. Тој утре ќе може да гласа на избирачко место број 1899 во Струга.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, потсети дека сите лица на кои им е одобрен приговор мора да го понесат решението со себе на избирачкото место за да им биде овозможено гласање.
Членот на Комисијата, Ангелчо Ристов, апелираше до граѓаните да ја проверат својата запишаност во избирачкиот список преку веб-страницата на ДИК или во општинските изборни комисии. Тој посочи дека дел од поднесените приговори доаѓаат од лица кои веќе се запишани во списокот, што дополнително ја оптоварува работата на службите непосредно пред изборите.
На седницата, членовите едногласно одобрија и едно ново барање за акредитација на меѓународен набљудувач од организацијата „Београдски форум за свет рамноправних“.
Од Комисијата потсетија дека сите набљудувачи се должни да ги носат своите беџови за идентификација и да го почитуваат Кодексот за набљудување на изборите и изборната постапка.
Дополнително, беше изгласана одлука за исплата на авансни средства за вработените во ДИК кои се ангажирани на враќањето на доверливиот материјал, вклучително и биометриските уреди за идентификација на гласачите.
Претседателот Кондарко најави дека седницата останува отворена до утре, кога ќе биде познато дали ќе пристигнат нови приговори за заштита на избирачки права.
