Турција под урнатини, погодена од силен земјотрес – стотици жртви и повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во 4.17 часот наутро силен земјотрес со магнитуда од 7.8 степени ги погоди Турција и Сирија. Според турските власти епицентарот на земјотресот бил во градот Газиантеп во јужниот дел од Турција.

Досега се евидентирани стотици жртви и повредени а нивниот број постојано се зголемува.

Од снимките кои кружат на социјалните мрежи се гледа дека спасувачките екипи на Турција спасуваат децата заробени под урнатините на станбените згради.

Во една од зградите која се урна откако беше оштетена од силните потреси од земјотресот, според жителите, имало луѓе внатре.

„Господе Боже имаше луѓе внатре, зошто не излегоа. Имаше луѓе внатре“.

„Гледај, гледај! Дојди, дојди тука“.

Потрагите под урнатините се уште траат. Вооружените сили на Турција отворија воздушен коридор за помош, а многу граѓани доброволно учествуваат во потрага по тела.

Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар рече дека мобилизирале авиони за да испратат медицински екипи, спасувачки екипи и возила во регионите погодени од земјотресот.

„Вашата задача е многу важна. Да ги утешиме нашите граѓани, да им помогнеме. Се надеваме дека со успешна работа ќе успееме да се спуштиме долу. Лесна работа“, вели Хулуси Акар.

А претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, го оцени земјотресот како најголемата катастрофа од земјотресот во 1939 година во Ерзинџан.

„Утрово во 04:17 часот бевме погодени од најголемата катастрофа од земјотресот во 1939 година во Ерзинчан. Мобилизирани се државните институции со сите служби во регионот погоден од земјотресот. Продолжуваат активностите за спасување на нашите граѓани кои останаа под урнатините во регионите погодени од земјотресот“, вели Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган вели дека во моментов повеќе од 900 спасувачи трагаат по исчезнатите по земјотресот и дека нивниот број постојано се зголемува. Досега од под урнатините се спасени 2.470 лица, а бројот на урнати згради достигна 2.818. Турскиот претседател рече дека 45 земји и понудиле помош на Турција.