ТВ21 од Берлин: Шолц гарантира дека Македонија нема да се соочи со нови условувања на патот кон ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се е јасно договорено и така треба да биде. Ова е пораката која ја испрати германскиот канцелар Олаф Шолц на прес конференцијата која попладнево се одржа во Берлин, на новинарско прашање за тоа како гледа тој на најавите за нови услови од страна на Бугарија. Рече дека уставните измени знае дека не се лесна работа, но од друга страна смета дека тоа ќе го ослободи патот на Македонија кон ЕУ.

„Ќе бидам јасен, тоа е јасно договорено и треба така да биде, да биде редовен пристапен процес, според постапките кои се управуваат од ЕУ, тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба. За тоа стојам, јас гарантирам“, рече Шолц.

„Имаме голема почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува во реформи на патот кон ЕУ. Од централно значење е планираната промена на Уставот. Од нејзиниот успех зависат многу нешта. Знам дека тоа не е едноставен чекор, но е потребен за да се ослободи патот за пристапниот процес во ЕУ. Оттука сакам да ја охрабрам Северна Македонија да продолжи на патот на реформите со своите заложби. Реформите не се апстрактни барања. Уште сега имаат конкретни позитивни влијанија за граѓаните“, рече Шолц.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека ова е историска шанса и дека не смееме да ја пропуштиме. Рече дека ветото сега може да дојде само од дома, доколку не бидат изгласани уставните измени. Потсети дека оваа година се одбележуваат и 30 години од дипломатските односи меѓу Македонија и Германија.

„И токму затоа овој трасиран пат до ЕУ, иако нема да е лесен, мора да се изоди. Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено од нас. Оваа историска шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа. Гласот во македонскиот парламент за уставните измени е глас за европската иднина на Северна Македонија. Ние, заедно со Европската Унија, сме обединети и тоа обединети во нашите различности“, рече Ковачевски.

Денеска започнува дводневната официјална посета на Германија, а попладнево во највисоки државни и воени почести беше пречекан македонскиот премиер. На прес конференцијата германски новинари се интересираа за тоа дали Украина може да ја претрка Македонија на патот кон ЕУ, за што премиерот беше дециден дека ние сме први на листата за влез во ЕУ со 45% усогласност во законодавството.