Уапсен судијата Наќе Георгиев – земал мито од 10.000 евра, второосомничен е Иџет Мемети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Врховниот судија Наќе Георгиев е уапсен во текот на вчерашноиот ден откако беше фатен на дело при примање поткуп од 10 илјади евра, за да му изрече полесна казна на обвинет. За таа цел, МВР во вечерните часови упаднало во неговата куќа за да најде други докази. Рации беа извршени и во канцеларијата на судијата, во зградата на Врховниот суд. Официјалното известување стигна од Јавното обвинителство.

Вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија. Предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик. Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот“, велат од ЈО.

Како што соопштија од Обвинителството, во споменатиот случај има и второосомничен. Иако тоа не го потврдуваат од Обвинителството, неофицијално се работи за членот на советот на обвинители, Иџет Мемети. Сепак, за Мемети нема доволно докази за да се лиши од слобода. Неофицијалните информации велат дека пари побарал и Иџет Мемети со намера да им ја олесни состојбата на обвинетите. Станува збор за поранешниот градоначалник на Ново Село,  Боро Стојчев, кој е во притвор и е осомничен за шверц на дрога.

Бидејќи Георгиев имаше имунитет на судија и не можеше да биде уапсен, Судскиот совет свика итна седница, а на судијата му го одзеде имунитетот. Советот на седницата затворена за медиумите го прифати барањето за мерка притвор за Георгиев. Истовремено, привремено беше запрено функционирањето на судот, се до изнаоѓање полноправно решение.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева ги повика членовите на советот меѓу кои и судиите Антоанета Димовска и Сашко Георгиев кои беа на одмор, но беа поврзани преку интернет. Не дојде само Лорета Георгиева, по потекло од Струмица, од каде што е и обвинетиот судија Наќе Георгиев. Не присуствуваше ниту Беса Адеми, која не само што нема право на глас туку беше во зградата на Врховниот суд каде над 30 истражители упаднаа во канцеларијата на Георгиев.

Доколку судот го прифати обвинението против судијата Георгиев, на истиот му се заканува  затворска казна од една до пет години.