„Убеден сум дека ќе нема поскапување на струјата“, рече Заев

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев е убеден дека струјата нема да поскапи, а за да се ублажи растот на цената на електричната енергија условена од целосната либерализација на пазарот, од 1 јули, како што соопшти, ДДВ-то за струја ќе се намали од 18 на пет проценти.

Заев напомена дека  од 1 јули 2021 до 1 јули 2022 година ДДВ-то ќе биде пет отсто, од 1 јули 2022 до 1 јули 2023 година 10 проценти, додека од 1 јули 2023 година повторно ќе се врати на 18 отсто.

-Со оглед дека во крајната цена огромно е учеството на производствената цена и на преносниот систем, убеден сум дека нема да има поскапување на струјата. Владата испрати јасна порака за поддршка на ЕСМ во делот на цената за поддршка на граѓаните преку намалување на ДДВ. Тоа апсолутно ја става ЕСМ во позиција да формулира цена која нема да предизвика поскапување на струјата заради производствена цена на ЕСМ. Но, секако, Регулаторната комисија е таа што носи конечни одлуки, а тие зависат од дргутие чинители кои учествуваат во составувањето на продажната цена на струјата. Можам да потврдам дека заради ЕСМ и МЕПСО нема да има покачување на цената на струјата. Верувам, барем според нашите експерти, рече Заев, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за изградба на фотоелектраната во Осломеј.

На прашањето со која цена ќе настапи ЕСМ на претстојниот тендер и дали таа ќе биде иста како сегашната со оглед дека берзанските се двојно повисоки, Заев нагласи дека одлуката е донесена, но засега е строго доверлива.

-ЕСМ настапи пред Владата и владата донесе одлука, но тоа е строго доверливо зашто настапува на отворен пазар и нуди цена. Кога ќе се случи тоа, тогаш ќе се објави и понудата на ЕСМ пред ЕВН Хоум, истакна Заев.

Во однос на еколошката такса за нафтата и нафтените деривати која треба да се воведе од 1 јули, Заев е дециден дека предвидените 3,5 денари нема да предизвикаат инфлација. За транспортерите, пак, кои реагираат, порача дека Владата донесе одлука за помош на меѓународниот транспорт и веќе е даден налог средствата да се исплатат пред се во патничкиот сообраќај како најпогоден.