Убиен градоначалник во Мексико, претходно преживеал атентат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на мексиканскиот град Темоак, Валентин Лавин Ромеро, беше убиен во вооружен напад во зградата на општината, само неколку месеци откако преживеа обид за атентат.

Според локалните медиуми, напаѓачите среде бел ден влегле во општинската зграда, го застрелале градоначалникот, а потоа избегале со мотоцикл. Засега не е познат мотивот за нападот, а обвинителството во сојузната држава Морелос соопшти дека истрагата е во тек.

Лавин Ромеро, член на Зелената партија и коалициски партнер на владејачката партија Морена, во јануари годинава беше ранет во напад на бензинска пумпа, но тогаш успеа да преживее.

Тој е 14-тиот градоначалник убиен во Мексико откако Клаудија Шејнбаум ја презеде претседателската функција во октомври 2024 година.

Мексико со години се соочува со силно насилство поврзано со организираниот криминал, а локалните функционери често се мета на криминалните групи кои се обидуваат да воспостават влијание врз локалната власт. Од 2006 година досега во земјата се убиени речиси 100 градоначалници.

Во јавноста претходно се појавија и тврдења дека Лавин Ромеро имал врски со локални криминални организации, а против него беа упатени и обвинувања од активисти за наводна вмешаност во убиства. Во исто време, мексиканските власти спроведуваат широка акција против корупцијата и поврзаноста меѓу локалните власти и криминалните картели, при што досега се уапсени десетици функционери.

Иако официјалните податоци покажуваат намалување на бројот на убиства во изминатата година, Мексико и понатаму останува една од земјите најтешко погодени од насилството на организираниот криминал, а повеќе од 130.000 лица сè уште се водат како исчезнати.