Незаконитости прв открил министерот за локална самоуправа Горан Милевски меѓу кое и дека во овој тендер била фаворизирана фирмата Брако на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев. Милевски поради ова го поништува првиот тендер.
„Од Министерството за локална самоуправа алармирале дека повеќето понудувачи немале јасна слика што се бара со оваа техничка спецификација, потоа имале забелешки за проектот и констатирале дека Комисијата за избор фаворизирала одредени понудувачи. Меѓу посочените била и избраната компанија Брако. Ова е и една од основите Министерството за локална самоуправа да го поништи првиот тендер“, вели Маја Јовановска.
Владата потоа му ги одзела ингеренциите на Министерството за локална самоуправа и парите ги префрла во Министерството за здравство под надлежност на министерот Венко Филипче која го спроведува тендерот а фирмата Брако повторно се избира. Всушност овој тендер не бил за модуларна болница, туку за набавка на материјали врати и прозори и на овој начин се заобиколиле сите постоечки стандарди во изведбата на болницата, открива ИРЛ. Тендерската спецификација ја подготвила инженерот Вања Андонова, која по работниот ангажман во Министерството за здравство, се вработила токму во компанијата Брако.
По пожарот Филипче дава сосема неточна изјава.
„Тоа е целата документација за набавка и сето тоа е со запазени строги стандарди и постапки при реализација на вакви проекти. И во сертификатите и со тоа што спомнав дека го анализиравме практично се сите тие сертификати за квалитет, за огноотпорност и за атестите и од сите производители и од страна на контролата и тоа буквално за секое едно парче кое е таму вградено“, вели Венко Филипче.
За овој случај нарачани се три вештачења и тоа за електричната инсталација, едно од крим техника и едно од Технолошко металуршкиот факултет. Од вештакот Ирфан Шаќири се наведени голем број недостатоци.
„Инсталацијата е евтина, несоодветна, за болница и е поставена во целосно незаконска процедура. Нешто што исто така го согледавме од ова вештачење е дека електричната инсталација била инсталирана од Брако. Вработениот во Брако кој ја правел шемата на електричната инсталација лицето Никола Стојковски работел без лиценца од Комората на овластени инженери и архитекти“, порача новинарката на ИРЛ.
Вештачењето на електроинженерот и вештачењето на германскиот форензички тим кажуваат дека кабелот се запалил поради несоодветна инсталација изведена од Брако и дека болницата изгорела пребрзо поради несоодветната градба и несоодветните материјали. Но вештачењето на германските форензичари не е никаде објавен.
„Баш ова вештачење со кое Јовески ја убедуваше јавноста дека ќе ги даде сите одговори не се презентираше. Ниту смееше да биде спомната во тековната судска постапка. Иако беше најавено тетовските обвинители никогаш не и го претставија на јавноста ова вештачење и германските форензичари не беа повикани за сведоци во судењето“, вели Сашка Цветковска.
Јавното обвинителство отвори предмет во чие обвинение практично и нема ништо конкретно, туку дека се случил пожар и дека се работи за несреќен случај. Тетовскиот суд отвори процес, но на обвинителната клупа се најдоа поранешниот директор на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими, економскиот директор Артан Етеми и дежурниот лекар доктор Бобан Вучевски како обвинети за непостапување по здравствени прописи но никогаш не е отворена постапка за да се истражи кој е главниот виновник за непрописна изведба на вакви објекти. Од втората истрага од обвинителката во Организиран криминал и корупција Елизабета Јосифовска не е покренато ништо.
