И покрај тоа што учебната година заврши со голем недостиг на учебници, министерката за образование Весна Јаневска ги оценува како успешни двете години од нејзиниот мандат, истакнувајќи дека се реализирани бројни реформи во образованието и дека учебниците биле обезбедени и дистрибуирани на време. Две недели по почетокот на учебната 2025/2026 година, учениците се жалеа дека учат со земање белешки од табла и фотографирање на наставата.
„Јас сум 9-то одделение, не ни даваат, нема учебници, од образованието. Мора на некој да му фотографираме, преку телефони, затоа што во училиштето не ни дозволуваат телефони.
Имаме многу малку, 5-6 имаме, не ни даваат многу учебници.
Наставничката пишува на табла, ние земаме од таму.
Имаме добиено само 3, а останатите не ни ги даваат затоа што нема!“ – велат ученици.
Сепак, Јаневска инсистира дека учениците се опремени навреме со учебници и дека таму каде што имало недостиг тоа е вина на директорите кои не побарале повеќе учебници.
Таа сега се пофали дека новата влада ги поддржува талентираните ученици што учествуваат на натпревари, покривајќи ги трошоците.
„За првпат новата влада направи измена во Законот за средно образование за да ги поддржи талентираните ученици што учествуваат на натпревари и меѓународни научни олимпијади, со целосно покривање на трошоците за котизациите, и за нив и за нивните ментори. Досега се исплатени шест милиони денари врз основа на 17 барања од здруженија на наставници“, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Поради недостиг на учебници, учениците во текот на целата учебна година беа принудени да учат од интернет или од белешки што ги земаат на часови, како и со фотокопирање на учебници.
Инаку, на почетокот на оваа учебна година, заменикот на Јаневска, Лулзим Алиу, поднесе оставка од функцијата, за како што рече, да се посвети на научна работа. Во тоа време во емисијата „Клик Плус“ Билал Касами изјави дека заменик-министрите и заменик-директорите немаат надлежности во институциите каде што се поставени. На местото на Алиу дојде Дритон Сулејмани.
