Учениците од Визбегово без превоз – Ганиу: Нема пари, Чаир повеќе нема да им го плаќа превозот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Учениците од скопската населба Визбегово кои учат во училиштата во општина Чаир, од понеделник нема да имаат превоз, најави првиот човек на Чаир, Висар Ганиу.

Ова, како што рече е резултат на долгот што го имаат кон ЈСП кој настанал поради економската криза.

„Над 6 милиони денари плаќаме за една година за школување на овие ученици, односно за нивниот превоз. За оваа ситуација известени се навреме сите надлежни државни институции и побаравме зголемување на блок-дотациите, но досега не добивме одговор. Пред една година потпишавме договор кој го објавивме во сите медиуми и првпат заеднички ги поделивме трошоците за учениците, но општина Бутел не се придржуваше на договорот“, истакна Висар Ганиу.

Првиот човек на Бутел, Дарко Костовски, вели дека и општината со која раководи тој плаќа превоз за учениците од Чаир кои следат настава во Бутел.

Костовски додава дека договорот со ЈСП предвидувал плаќање на рати и верува дека за неколку месеци средствата ќе бидат исплатени.