Училиштата бараат помош од издавачките куќи, МОН нема буџет за училишните библиотеки

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Министерството за образование со години нема издвоено буџет за снабдување на школските библиотеки со потребните лектири. Затоа, во недостиг од лектири, основните училишта во Чаир бараат помош и донации од издавачките куќи. Најбарани се атласите.

„Постојано имаме барања од училиштата. Но повеќето барања се за донации а не за купување книги. Повремено купуваат но многу малку. Верувајте.“, рече Аднан Исмаили, претставник на издавачката куќа „Логос А“.

Нухи Дардишта од Сојузот на наставници вели дека во март ќе се донираат во 30 училишта вкупно 3 илјади книги, а предвидено е до крај на годината училишните библиотеки да се збогатат со 30 илјади нови изданија од издавачките куќи Шкупи и Логос А.

„Распределбата на книги на симболичен начин ќе започне од училиштата кои пред 4 дена беа преименувани, како што се училиштето Исмаил Ќемали и Имри Елези. Тие ќе се донираат во понеделник и вторник потоа ќе продолжиме во другите училишта“, рече Дардишта.

Од издавачките куќи информираат дека последниве години, донирана е литература низ другите градови како Битола и Прилеп. Лектирите што се донирани се литература која е соодветна за возраста на учениците во основните училишта.