УЕФА отвори истрага против албанскиот фудбалер Мирлинд Даку за скандирањата против Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку се наоѓа под истрага на европската куќа на фудбалот УЕФА поради скандирањата по натпреварот на неговата селекција против Хрватска одигран во Хамбург во рамките од 2. коло на Европското првенство.

Даку после мечот со мегафон упати навредливи зборови, меќу кои и кон Македонија.

Фудбалската федерација на Македонија денеска го осуди нападот, и побара од УЕФА да отвори истрага против Даку за ваквите скандирања, по што европската куќа на фудбалот сега ќе го истражува случајот и ќе ја донесе казната за албанскиот играч.

„Изразуваме длабока загриженост и недвосмислена осуда во врска со националистички скандирања од Мирлинд Даку, репрезентативец на Албанија, насочени против македонската држава по завршувањето на вчерашниот натпревар Хрватска-Албанија на Европското првенство. Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот. Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како ФИФА и УЕФА. Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување ќе прати официјален допис до УЕФА. Го повикуваме Мирлинд Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика. Исто така, ги повикуваме релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување“, објави ФФМ.