Циклонска активност ќе донесе нестабилно и врнежливо време во земјава во наредните денови, со локално пообилни врнежи и услови за невреме. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), променливото време ќе се задржи од утре до средината на следната седмица.
Во овој период се очекува променливо облачно време со врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на квадратен метар. Најинтензивни врнежи се очекуваат во недела.
Локално временските процеси ќе имаат карактер на невреме, проследено со пороен дожд, засилен ветер и појава на грмежи.
Од вторник се очекува продор на постуден воздушен бран, поради што врнежите на некои од повисоките планини ќе преминат во снег.
УХМР предупредува дека временските услови ќе бидат променливи и нестабилни во наредните денови, со можност за поинтензивни локални процеси.
