УЈП се закани: Плаќајте ДДВ или казни – бизнис заедница: Фирмите тие пари ги немаат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Управата за јавни приходи им се закани со казни на фирмите кои не платиле данок на додадена вредност за октомври. Според податоците до 25 ноември годинава, кога бил законскиот рок за подмирување на обврската за ДДВ, 1.198 фирми од 3.949 или 30,3 отсто од вкупниот број даночни обврзници по оваа обврска, не уплатиле во државниот буџет. Во пари, ова е за 12,3 милиони евра или 25,3 отсто помалку од планираните 48,6 милиони евра за октомври.

  • Фирми кои не платиле ДДВ – 1.198
  • Неплатиле 30,3% од фирмите
  • Неплатено 12,3 милиони евра или 25,3%

Вкупно фирми кои плаќаат ддв – 3.949 (48,6 милиони евра)

  • Платиле 69,7% од фирмите
  • Платено 36,3 милиони евра или 74,7%

Поради ова, од Управата велат дека рокот за уплата е трети декември, по што ако тоа не го направат фирмите, ќе следуваат казни.   

„За секој ден задоцнето плаќање, согласно законот ќе се пресметува камата од 0,03% од преостанатиот долг. Даночните обврзници кои и по овој повик нема да ја уплатат својата обврска по основ на ДДВ, од 3 декември преку порака ќе добијат опомена, ако и по таа мерка не го платат долгот, веќе  од 23 декември ќе се започне и со  мерки за блокирање на нивните трансакциски сметки.“, велат од УЈП.

Дел од бизнис заедницата со која разговаравме денеска, чии претставници не сакаа да се експонираат јавно, за ТВ21 изјавија дека УЈП може да се заканува со казни, но дека фирмите ги немаат тие пари. Едноставно, преголеми се проекциите колку ДДВ би се собрало од нив.

Инаку, со ребалансот на Буџетот за 2024 година, Министерството за финансии ги намали проекциите колку Данок на додадена вредност ќе се собере годинава и предвиде дека по оваа основа е има собрано 2,8 помалку или 37 милиони евра.